Македонски Телеком постави сопствен систем за производство на енергија од сончево зрачење на најголемиот дата центар во Скопје. Системот се состои од 148 соларни панели и инвертор на површина од 300 метри квадратни на покривот на ТК објектот во центарот на Скопје и годишно ќе произведува повеќе од 80 илјади kWh зелена електрична енергија за сопствени потреби.
Со овој систем, соопшти денеска компанијата, штетната емисија на CO2 во воздухот ќе се намалува за речиси 50 илјади кг. секоја година. Како за споредба, доколку оваа количина електричната енергија се произведува во термоцентрала, ќе бидат потребни околу 2.000 дрвја за да ги апсорбираат штетните емисии на CO2 од воздухот.
-Се планира, во иднина продукциските дата центри во државата да се напојуваат од обновливи извори на енергија, со што Македонски Телеком, како една од најголемите компании, директно ќе влијае на намалување на емисијата на штетни гасови. Ваквите инвестиции ќе имаат позитивно влијание врз креирање зелена средина во урбаните места, наведуваат од компанијата.
Иницијативата за сопствен соларен систем на дата центрите, кои се големи потрошувачи на електрична енергија, доаѓа од тим вработени во различни области, како одговор на потребата за поефикасно управување со енергијата во објектите на компанијата.