Жителите на едно село во Романија го реизбраа истиот градоначалник на локалните избори, иако тој почина пред две недели од коронавирус, пренесува „Ројтерс“.
Граѓаните веруваат дека тој добро се снашол и дека заслужил постхумна победа.
Десетици граѓани запалија свеќи на гробот на социјалдемократот Јон Алиман по завршувањето на локалните избори во Романија. Алиман победи со 64% од гласовите во селото Девеселу во јужна Романија, кое има околу 3.000 жители, и тоа би бил негов трет мандат.
„Не верувам дека повторно ќе имаме таков градоначалник“, рече еден жител на селото.
Алиман почина на 17 септември во болница во Букурешт, но неговото име веќе беше испечатено на гласачките ливчиња и не можеше да се отстрани, соопштија официјалните лица.
Тие изјавија дека сега ќе се одржат нови избори.
И покрај победата на Алиман, неговата Социјалдемократска партија загуби на локалните избори во клучните градови.