Според најновиот барометар на Секурс Популер (Народна помош), општите мерки на изолација предизвикаа експлозија на бројот на лицата кои бараа помош за храна во Франција. Скоро половина од барателите досега и биле непознати на оваа каритативна организација, јави дописникот на МИА.
Според испитувањето на Ипсос, кое се прави еднаш годишно, за време на двата месеци на карантин, 1.270.000 лица побараа помош од Секур популер во неговите прифатни центри – наспроти 3.3 во текот на целата 2019 година. Меѓу овие баратели, 45 отсто не им биле претходно познати на здружението.
-Тоа е апсолутно огромна бројка. Но, се плашам дека таа сè уште ќе се зголемува, предупреди Хенриет Штајнберг, генерална секретарка на здружението.
Мерките на изолација, исто така ги нагласија нееднаквостите во образованието, со „недостаток на компјутерска опрема (компјутери, принтери) и пристап до Интернет за да се следи училиштето од далечина (преку интернет), малите домови не дозволуваат изолација за да се учи во мир, подвлекува здружението, потсетувајќи дека 500.000 деца не успеале да ја следат наставата преку интернет.
Студентите, од кои многу паралелно работат за да ги финансираат своите студии, претставуваат друга категорија тешко погодена од кризата и невработеноста што ја придружуваше.
-Никогаш не сме доживеале ваква ситуација од Втората светска војна и сега има итна потреба да им се помогне на сите овие луѓе. Многумина никогаш не барале помош од никого. И тие, не само што веќе немаат доволно за јадење, туку и не можат да си плаќаат кирија или струја, потврдува дирекцијата на здружението.
Во 2019 година, Секур популер им пружила помош на скоро 3,3 милиони лица и очекува бројка „многу поголема” за 2020 година. Во Франција, наглиот пораст на невработеноста веќе забележан во 2020 година веројатно ќе продолжи, со 800 000 намалувања на работните места што се очекуваат до крајот на оваа година, според проценките на Банк де Франс, дури и пред објавувањето на новите мерки за ограничување на 23 септември.