Даночната управа во Шпанија денеска објави листа на даночни должници кои и должат на земјата повеќе од 1 милион евра, а на неа се најде и најскапиот фудбалер на светот, Нејмар. Според извештајот Нејмар на име неплатени даноци, камати и пенали на Шпанија и должи нешто повеќе од 34 милиони евра, заклучно со 31 декември 2019 година.
Нејмар во Шпанија играше за Барселона од 2013 до 2017 година по што со рекорден трансфер вреден 222 милиони евра се пресели во францускиот ПСЖ. Бразилскиот фудбалски интеранционалец беше под истрага на шпанските власти поради затајување на данок уште минатата година, а доколку наскоро не ги подмири долговите, му се заканува заплена на имот.
Сето ова драстично ги намалува шансите за негово враќање во Барселона и воопшто во шпанскиот фудбал. Во неговиот роден Бразил, државата го тужи за долг од 25 милиони долари данок, но Бразилецот успеа да го добие процесот и да докаже дека заработува пари во други земји и дека од него не се бара да плаќа данок во Бразил.