Помпео замина од Грција, двете страни задоволни од напредокот во грчко- американските односи

Откако две вечери престојуваше во куќата на семејството Мицотакис во Хања на Крит, американскиот државен секретар Мајк Помпео утрово замина од грчкиот остров, додека пак двете страни се задоволни од разговорите и напредокот во грчко- американските односи, јави дописничката на МИА од Атина.

Помпео и Мицотакис, вчера, во придружба на нивните сопруги имале вечера во опуштена атмосфера, додека пак утрово, откако државниот секретар му се заблагодарил на грчкиот премиер за гостопримството, замина за Рим од аеродромот на Крит.

-Задоволен од извонредниот напредок што го постигнавме во односите меѓу САД и Грција од мојата посета минатата година. Ја поздравувам улогата на Грција како столб на стабилноста во регионот, напиша Помпео на неговиот официјален „Твитер” профил, при заминувањето од Крит.

За посетата на Помпео говореше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната владина седница, карактеризирајќи ги „исклучително успешни” разговорите што завршија синоќа.

Рече дека позитивната карактеристика на посетата на Грција „се докажува и со нервозата што патувањето ја предизвика на спротивната страна”.

-Верувам дека оваа посета ја зајакнува и нашата национална линија во пресрет на Самитот на Европската Унија, кој започнува утре. Детално ќе биде разгледано турското однесување и се надевам дека пораката до Анкара ќе биде апсолутно јасна: едностраните активности предизвикуваат несакани ефекти, агресивните потези носат соодветни одговори, според тоа, треба да запрат провокациите за да почнат разговорите, за прашањето што нѐ дели со Турција, а не е друго од одредување на морските зони во Егејското море и Источниот Медитеран, рече Мицотакис и додаде дека Турција треба практично да покаже дека искрено сака де-ескалација и дијалог.

Треба да знаете
Последни објави