Д-р Слободан Дракулевски, специјалист по гинекологија и акушерство и професионален тим на инструктори од денес започнуваат со бесплатни совети и онлајн пилатес тренинзи со цел да им овозможат на сите бремени жени во време на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19 да продолжат со физички активности кои се препорачуваат за полесно породување, како и опоравување на телото по бременоста.
„Целта на овој проект е да им помогнеме на бремените жени полесно да ги пребродат телесните промени со кои се соочуваат и да останат активни во текот на целата бременост, а и по неа. Сепак препорачувам консултација со акушер пред се да започне со тренинзи бидејќи секоја бременост е различна и дозволува различен интензитет на активности.“ – изјави Д-р Слободан Дракулевски.
Научно е докажано дека активности како што е пилатесот значително ја олеснуваат бременоста и породувањето. „Подготвивме ефикасни тренинзи прилагодени за оваа состојба, со фокус на зацврстување на мускулите на грбот и стомакот кои го носат најголемиот дел од теретот во бременоста. Со вежбањето пилатес за време на бременоста не само што ќе го подобрите своето здравје и ќе се подготвите на вистински начин за породувањето, туку истовремено се грижите за правилниот развој на вашето дете кое сѐ уште расте во вас“, додаде д-р Дракулевски.
Тренинзите ќе се објавуваат два пати неделно на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.