Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласат за потврдување на петте одлуки на претседателот Стево Пендаровски. Така било одлучено на денешната координација на пратеничката група на партијата, така што е извесно дека одлуките што шефот на државата ги донесе по предлог на техничката влада нема да бидат потврдени во овој собраниски состав, затоа што за тоа е потребно двотретинско мнозинство.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ брои 44 пратеници во парламентот, така што без нејзините пратеници е невозможно засега да се обезбедат 80 гласови. Пратеникот Антонијо Милошоски наброја три причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за одлуките на Пендаровски.
-Првата причина е дека одлуките за вонредна состојба беа донесени за подобро справување со пандемијата, за жал денес имаме многу полоши состојби во пандемијата. Втората основа за овие одлуки беше справување со економските последици од пандемијата и денес неколку месеци после овие одлуки за вонредна состојба имаме драстично влошување на економските состојби во државата со многу зголемена невработеност. Третата причина е што овие два основи на одлуките за вонредна состојба, справување со пандемијата и помош на економијата, за жал владата ги злоупотреби и наместо да носи мерки посветени на овие теми, носеше уредби со законска сила кои што беа злоупотребени за изборен поткуп или за менување на Изборен законик во 5 до 12, или за лиценци за марихуана, за брусење дијаманти и слично. Потврда дека ваквите одлуки за вонредна состојба беа злоупотребени од владата е и фактот што Уставниот суд поништи десетина уредби донесени од владата во тој момент, рече Милошоски.