Министерот за локална самоуправа Горан Милевски на денешната прес-конференција во врска со процесот на децентрализација истакна дека не зависи од нив, бидејќи, како што рече, не се работи само за еден закон. Посочи дека тоа е политичка одлука на Владата.
Милевски потенцираше дека сето она што планираат да го направат околу децентрализацијата е да го завршат до локалните избори за да може новиот состав да функционира со зголемени ингеренции. Додаде дека имплементацијата на законот за децентрализација би значело повеќе пари за општините од ДДВ-то и од персоналниот доход.
– Процесот на децентрализација, ние како тим во Министерството заедно со Фатмир Битиќи го имаме изготвено како таков. Сега следува фаза уште еднаш да ги преиспитаме сите одлуки и мерки што таму сме ги предвиделе и да почнеме со негова имплементација. Тоа не зависи од нас, не е еден закон. Тоа е политичка одлука на Владата и кога ќе го прифати нашиот концепт, секое министерство во одредени рокови треба да изготви измена на конкретните закони од својата област и преку Собранието за почне практично префрлувањето на ингеренциите на локално ниво. А, со Министерството за финансии да ја почнеме таа фискална децентрализација, односно повеќе пари за општините од ДДВ-то и од персоналниот доход, рече тој.
Исто така, посочи Милевски, важно нешто што го правиме со Министерството за правда е отворени листи за избор на советници со којшто ќе дадеме уште еден стимул кон поголема отчетност и контрола на граѓаните.
– Избор на советници коишто ќе бидат од граѓаните и ќе работат за граѓаните. Очекуваме сите овие процеси да се одвиваат во текот на следната година и се надевам дека новиот мандат на советниците во 2021 година, но практично со буџетот од 2022 година ќе започнат да го работат со новите ингеренции,
рече тој.