Група од 139 баратели на азил, меѓу кои деца со сериозни здравствени проблеми и нивните семејства, како и деца бегалци без придружба кои досега беа сместени во камповите во Грција, денеска, од атинскиот аеродром заминаа за Германија, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос, рече дека станува збор за првата мешана група што заминува за Германија по пожарот во бегалскиот камп Мориа на Лезбос.
-Од една страна се децата без придружба, во рамките на европската програма за релокација, а од друга страна болните деца, со сериозни здравствени проблеми заедно со членови на нивните семејства, кои заминуваат во рамките на билатералната грчко – германска соработка, рече Кумуцакос, објаснувајќи дека сите бегалци кои денеска заминаа биле тестирани за Ковид-19, а резултатите биле негативни.