Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес се сретна со амбасадорот на Кралството Холандија Н.Е. Дирк Јан Коп, со кого разговараа за економската соработка помеѓу двете земји.
Холандскиот амбасадор, во воведните зборови, истакна дека Амбасадата на Холандија, во изминатите години даваше голема поддршка за спроведување на реформите кои се одвиваа во земјата и најави дека поддршката за остварување на европските аспирации на Република Северна Македонија ќе продолжи и понатаму.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Јан Коп разговараа и за бизнис климата во земјата, спроведувањето на антикризните мерки од трите сета и планирањето на четвртиот сет, како и за среднорочните и долгорочни планови на Владата, кои се важни за светските финансиски организации како Светска банка и Меѓународната финансиска корпорација, во која Северна Македонија е под холандската конституенца.
Битиќи посочи дека предвидливоста и владеењето на правото ќе биде еден од приоритетите на Владата во наредниот период и дека ќе се креираат системски решенија со кои ќе се намалат бирократските процедури и ќе се отвори широк фронт против корупцијата, во насока на креирање на уште подобра и предвидлива бизнис клима, што пак ќе има влијание во привлекувањето на светски познати странски инвестори, но и поттикнување на инвестиции на домашните компании.
Дополнително Вицепремиерот информираше дека во подготовка е Националниот план за развој, кој ќе биде долгорочен документ, во кој ќе бидат дефинирани клучните правци во кои ќе се движи економијата на Република Северна Македонија, а кој треба да обезбеди побрз и одржлив економски развој.
Во однос на здравствената и социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19, амбасадорот Јан Коп и вицепемремиерот Битиќи се согласија дека Република Северна Македонија успешно се справува со кризата.
Трите пакета мерки го дадоа проектираниот ефект, четвртиот сет, кој ќе започне да се имплементира наскоро, ќе обезбеди помош таму каде што е најпотребно.
Во еден инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни креиравме опширен сет на мерки во кои се опфатени сите категории. Во тој сет се планирани и мерките за поддршка на плати за вработените, кои ќе биде скалесто изразена и најмногу ќе ги поддржи оние кои имаат најголеми загуби, а во вкупно 31 мерка има и такви кои се за социјално загрозените категории, кредити со ниски каматни стапки, редуцирање на парафискалните давачки, намалување на даночните оптеретувањ,а одложување на обврските на фирмите кон државата и други мерки.
Макроекономските индикатори покажуваат дека економијата полека закрепнува и дека може да се очекува економските параметри за 2020 година да бидат во рамките на проектираните очекувања, а во 2021 година, да се продолжи по стапките на раст.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Јан Коп, имаа заеднички став дека има добра основа повеќе холандски компании да инвестираат во нашата земја, и се согласија да работат заедно за да привлечат нови компании од оваа земја да инвестираат во Северна Македонија.