Три американски регулатори синоќа истовремено објавија за постигнат договор со JPMorgan Chase за запирање на криминалната истрага во однос на оваа банка во замена за исплата на казна во вредност од 920 милиони долари.
Банката беше под истрага за манипулации со берзански тргувања на скапоцени метали како златo, сребро, платина и паладиум.
Во соопштение на Комисијата за трговија со стокови фјучерси (CFTC) се вели дека банката најмалку осум години, од 2008 до 2016 година, учествувала во незаконска манипулација со цените на скапоцените метали на главните берзи во Њујорк и Чикаго и на фјучерсните договори на Министерството за финансии, со тоа создавајќи „илјадници фиктивни набавки” (spoof orders) за купување/продажба на споменатите активи. Овие зделки не се остварувале, но биле намерно регистрирани како такви за да се манипулира вештачки со цените на скапоцените метали.
-Оваа практика (spoofing) е нелегална, едноставно и јасно, изјави Хит Тарберт, раководител на SFTC. Се додава дека регулаторот ќе ги преземе потребните мерки за истрага и прогон на сите забранети активносто кои „го поткопуваат интегритетот на американската слободна трговија”.
Оваа практика била посебно под лупа на регулаторите по светската финансиска криза во 2008 година, но американската банка продолжувала да прибегнува кон неа во сопствена корист.
За запирање на истрагата во замена за исплата на високата казна соопштија и Комисијата за хартии од вредност и берзи и Министерството за правда на САД.
Ова е најголемата парична казна што досега ќе биде платена за ваков вид на берзански манипулации. Во сумата се вклучени 311.7 милиони долари оштета (исто така најголема казна), 173 милиони долари како повраток во корист на државата на сѐ што било стекнато по незаконски пат и казна од 436.4 милиони по оснава граѓански тужби.