Трагична вест од болницата во Чаковец. За време на рутинска постапка на хемодијализа, почина 62 годишен пациент од застој поради, како што соопштија од болницата, вбризгување на недозволено средство, па министерот за здравство Вили Берош веднаш испрати инспекција за истражување на случајот.
Претседателката на Управниот Одбор на болницата во Чаковец, Соња Тошиќ Грлач изрази сочувство до семејството на починатиот и потенцира дека двете сестри повеќе не се дел од пресоналот. Запрашана како воопшто е можно да се случи таква грешка, Тошиќ Грлач нагласи дека дезинфисиенсите во болниците се вообичаени средства што постојано се наоѓаат на количките на медицинските сестри.
– Грешка е можна и, за жал, се случи“, изјави Тошиќ Грлач.
Таа додаде дека ќе биде спроведен професионален интерен надзор, откако се обезбедени изјави од учесниците во немилиот настан.
– Сè ќе биде подложно на анализа. Интерната комисија ќе разговара со сите страни во случајот и ќе донесе мислење по што ќе дојде на ред и инспекција од Министерството“, рече Тошиќ Грлач.
Кобната грешка, според неа, се случила вчеравечер.
– Утрово болницата го извести семејството. Денеска нè посети полицијата, Државното Обвинителство. Нив ги интересира што се случило и чија е вината. Зедоа и некоја документација“ вели Тошиќ Грлач.
Телото на починатиот пациент е превезено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб каде треба да се утврди од што точно настапила смртта.