Сојузниот дефицит на Канада до крајот на буџетската година ќе достигне 328,5 милијарди канадски долари, проценува парламентарната служба за буџет (ПБО), врз основа на податоци доставени до 1 септември.
Таквиот дефицит би изнесувал 15 проценти од големината на бруто домашниот производ (БДП), што би претставувало најголем дефицит од 1966-67 година, се наведува во извештајот.
– Очекуваме шоковите од пандемијата на Ковид-19 и падот на цената на нафтата да имаат трајно влијание врз канадската економија, рече Ив Зиру од ПБО во соопштение за јавност.
Поранешниот министер за финансии Бил Морно во јули очекуваше малку поголем дефицит, од 343 милијарди долари. ПБО проценува дека БДП на почетокот на 2022 година треба постепено да се враќа на нивото пред кризата.
Извештајот ги зема предвид податоците дадени до 1 септември и 225,9 милијарди долари во владините мерки за сузбивање на пандемијата.
Односот на долгот и БДП, кој Либералната партија на премиерот Џастин Трудо се обиде да го задржи под 30 проценти пред пандемијата, ќе достигне врв од 48,3 проценти во периодот 2022-23 година, покажува анализа на ПБО.
Ова е зголемување за 18,3 проценти во споредба со прогнозата за 2019 година.