Нови 112 случаи на заразени од Ковид 19 од 1372 тестирања и 159 оздравени, е билансот од претходното деноноќие, според статистиката на Министерството за здравство. Во моментот 47 деца од предучилишна возраст, односно три згрижувачки групи и 14 вработени се во изолација поради Ковид-19. Се уште целосно не е исполнет капацитетот согласно протоколот за работа и има слободни места за сместување на децата во градинките, информира вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Министерството за здравство вчера информираше дека во болнички услови починале осум пациенти од 53 до 82-годишна возраст. Почина 73-годишен пациент од Тетово, 58-годишен од Струмица, еден од Делчево (55г), двајца од Струга (80 и 74 г) и тројца пациенти од Скопје (53,76 и 82 г).
Од новодијагностицираните и вчера најмногу беа во: Скопје-46, потоа во Куманово и Битола се по 7, Штип-1, Струга-6, следат Прилеп-2, Тетово-1, Велес-4, Охрид-4, Гостивар-3, Струмица-11, Радовиш-3, Кочани-4, Пробиштип-1, Берово-1, Валандово-1, Виница-1, Делечево-1, Кратово-1, Свети Николе-4, Кичево-2, Ресен-1.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 17.786, бројката на оздравени пациенти е 14.801, на починати е 737, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.248. Според завршените епидемиолошки анализи во моментов дистрибуцијата по градови е следна: Скопје активни 683, Куманово-180, Тетово-159, Струмица-154, Прилеп-126, Гостивар-89, Кочани-152, Битола-62, Делчево-78. Во другите градови таа бројка е под 50.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 69 пациенти. На кислородна поддршка се 35 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 4 деца и 2 мајки позитивни на ковид-19, 1 дете и 1 мајка суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември” хоспитализирани се 35 пациенти. На респиратор се 6 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 17, а во болницата во Штип се 42 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 169, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Во Скопје најмногу активни случаи има во Аеродром – 102, потоа Центар – 98, Карпош – 88, Кисела Вода – 84, Гази Баба – 79, Чаир – 57, Ѓорче Петров – 52, Илинден – 29, Бутел – 26, Шуто Оризари – 17, Сарај – 12, Арачиново – 7, Студеничани – 6, Петровец – 6, Чучер Сандево – 5, Сопиште – 3, Зелениково – 2, странци – 7, нераспределени-3.
Со вклучени сирени и ротациски светла на амбулантните возила за итна медицинска помош на Здравствениот дом од Охрид и од Општата болница вчера вработените во здравствените установи од градот и оддадоа последна почит на првата жртва на коронавирусот од нивните редови.
Медицинската сестра Дијана Димоска е првата жртва на Ковид-19 меѓу вработените во здравствените институции во градот. Педесетгодишната Димоска беше работно ангажирана во Интерното одделение на болницата во Охрид. Таа им подлегна на компликациите предизвикани од коронавирусот и пред два дена беше погребана на Градските гробишта во Охрид.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вчера информира дека во моментот 47 деца од предучилишна возраст, односно три згрижувачки групи и 14 вработени се во изолација поради Ковид-19.
Единствено затворен е објектот во склоп на градинката „Ѕвездички” во Чешиново-Облешево, кој, како што најави денеска министерката, ќе биде отворен денеска.
Во градинките, според Шахпаска, се уште целосно не е исполнет капацитетот согласно протоколот за работа и има слободни места за сместување на децата.
– Би било утопија доколку кажеме дека во нашите градинки, и во услови надвор од корона кризата, има место за сместување на сите деца. Затоа во изминатиот период изградени се 49 објекти за сместување на деца и 3.193 дечиња беа сместени. Нашиот таргет е до 2024 година во градинка да бидат сместени 60 проценти од децата во предучилишна возраст, односно да бидат отворени 7.500 места, рече Шахпаска.
Премиерот Зоран Заев завчера наведе дека Владата и надлежните институции се целосно посветени на мерките за лична заштита преку кои ќе се спречи ширењето на КОВИД-19, а со тоа и потребата од карантин и други порестриктивни мерки.
-Она на коешто сме сите фокусирани од здравствената комисија до државниот кризен штаб до Владата е мерките на лична заштита. Тука ги полагаме сите надежи. Сите се свесни, граѓаните знаат дека се во иднина ќе зависи од тоа колкав ќе биде бројот на заразени, бројот на смртни случаи, колку ќе трае оваа пандемија зависи од нашата лична одговорност. Колку повеќе носиме макса, правиме дезинфекција, држиме дистанца, не мора секој пат да правиме средба, можеме и по телефон дел од работите да ги завршиме, рече Заев, кој дополни дека со намалување на температурите се зголемува и опасноста од зголемување на бројот на заболени и токму затоа е многу важно сите безусловно да ги почитуваат мерките.
Во текот на претходното деноноќие на територијата на државата по однос на мерката за неносење лична заштита на лице се регистрирани 593 прекршоци.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.