Mинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска и утре престојува во Берлин, каде се одржува неформален состанок на министрите за животна средина и клима на ЕУ. На состанокот учествуваат министрите за животна средина на државите членки на ЕУ и на други држави и претставници на институциите на ЕУ.
Како што соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање, Нуредини е во Берлин на покана на германскиот министер за животна средина Свења Шулце.
Агендата на првиот ден на состанокот е фокусирана на прашањата на биодиверзитетот, загубите на биолошката разновидност, деструкција на природата во контекст на превенција на пандемијата и научените лекции од кризата Ковид-19 и за климатската политика, особено приказ на влијанието од ревидираната цел на ЕУ за 2030 година.
– Состанокот има за цел да овозможи размена на мислења за врската помеѓу загубата на биодиверзитет и пандемијата на коронавирусот и да се разговара за предлогот на Европската комисија за зголемување на климатската цел на ЕУ 2030 на најмалку 55 отсто во споредба со нивото од 1990 година, се вели во соопштението.
Вториот ден, министрите за животна средина и клима на ЕУ ќе имаат уште една можност да ги разгледаат детално предлозите на Европската комисија за климатски активности на работна сесија и да разговараат за претстојните одлуки за подигнување на климатската цел на ЕУ 2030 и на ЕУ Закон за клима.
На состанокот, преку неформални дискусии, министерот Нуредини даде осврт на тековните активности за заштита на биодиверзитетот и климатските политики, ревидираните национали придонеси и Долгорочната стратегија и Закон на климатска акција на национално ниво.
На маргините на настанот, министерот Нурдини одржа повеќе билатерални средби.
– Со генералниот секретар за животна средина и води на грчкото Министерство за животна средина и енергија Константинос Аравосис разговараше за имплементацијата на Договорот за заштита и одржлив развој на Преспа Паркот, во правец на информирање за досегашните и идните активности, како и начините на зајакнување на прекуграничната соработка во оваа област. Се разменија мислења и во однос на развивањето на прекуграничната соработка за заштита од поплави во сливот на река Вардар преку INTERREG програмата на ЕУ за прекугранична соработка, во која Грција е носител на проектот, а партнери од македонска страна се МЖСПП и Дирекцијата за заштита и спасување. Во разговорите се отвори и прашањето и можностите за учество на грчки компании во т.н. „зелени инвестиции”, се вели во соопштението.
Фокусот на разговорот со државниот секретар во германското Федерално министерство за животна средина, заштита на природа и нуклеарна безбедност Јочен Фласбарт беше ставен на германската помош во делот животна средина во евроинтегративните процеси на Северна Македонија, а со турскиот министер за животна средина и просторно планирање Мурат Курум разменија мислења за потребата и можностите за зеленување на градовите и за идната соработка.
Министерот Нуредини оствари билатерна средба и со австриската федерална министерка за климатска акција, животна средина, енергија, мобилност, иновации и технологија Леонор Гевеслер, при што разговараа за продлабочување на соработката со Австриската агенција за животна средина на техничко ниво и потенцијална поддршка во формирање Агенција за животна средина во нашата држава.