Сите земји околу регионот Нагорно-Карабах да се воздржат од воени активности и провокации и сите страни во конфликтот во овој регион веднаш да ги прекинат непријателствата, побара денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Руски Тасс пренесе дека Песков ова го кажа на денешната прес-конференција во Москва, а по повод конфликтите што се уште траат и се разгоруваат во регионот Нагорно-Карабах.
Во врска со ставот на Турција, пренесен преку изјавата на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, дека земјата е подготвена да го поддржи Азербејџан, Песков додаде дека Москва не ги одобрува ваквите ставови и не се согласува со нив.
-Без сомнение, ние не ги поддржуваме ваквите ставови и не се согласуваме со нив. Тие ставови долеваат масло на огнот, рече Песков.