ВМРО-ДПМНЕ не открива кога би можела да се очекува конечната одлука за импичмент на претседателот Стево Пендаровски што беше навестена вчера.
Портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски, по тој повод истакна дека се разгледуваат сите можности и ќе бидат разгледани сите опции на телата и органите во партијата и ќе бидат издискутирани.
„Ние одамна кажавме дека Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев, која што за жал оваа мафија функционира во оваа држава Република Македонија и многу подобро и од најдобрите времиња кога функционирала најголемата мафија во светот ‘Коза ностра’”, рече Арсовски.
Можноста за импичмент е поврзана со актуелните случувања во Собранието, во однос на гласањето за петте вонредни состојби на претседателот.
ВМРО-ДПМНЕ вчера се изјасни дека нема да гласа за одлуките за продолжувањето на вонредната состојба оти голем дел од уредбите донесени од владата биле наменети за други цели.