Тврдам дека Путин стои зад злосторството и немам друга верзија за тоа што се случи. Тоа го нагласи рускиот опозиционер Алексеј Навални во интервју за германскиот магазин Шпигел. Целото интервју ќе биде објавено во текот на денот.
Обвинението на Навални доаѓа само неколку дена откако германски магазин објави дека германската канцеларка Ангела Меркел тајно го посетила Навални додека тој бил во болница во Берлин.
Навални сериозно се разболе за време на авионски лет во Русија на 20 август, кога авионот итно слетал во сибирскиот град Омск за да биде тој пренесен во болница.
Веднаш штом му се слоши, неговата портпаролка Кира Јармиш објави дека можеби бил отруен.
Руските лекари изјавија дека не откриле трага од отров, тврдејќи дека тој страдал од остар пад на гликоза. Два дена подоцна, тој беше пренесен во Берлин, на понатамошно лекување во болница на инсистирање на неговото семејство.
Германските специјалисти во анализите пронајдоа траги од нервниот агенс „Новичок”.