Почина познатиот ликовен уметник Кирил Ефремов, роден на 19 декември 1938 година во Штип. Битката со коронавирусот ја загуби синоќа на Инфективното одделение во Клиничка болница во Штип.
Ефремов сликарство завршил во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски” во Скопје, во класата на познатиот сликар и педагог Лазар Личеноски. Завршил Академија за Ликовна уметност во Белград.
Кирил Ефремов спаѓа во генерацијата на уметници која го најави своето присуство во современата македонска ликовна уметност, на почетокот на шеесетите години од минатиот век. Тоа беше група на тогаш млади уметници како што беа: Анастасов, Шемов, Перчинков, Ристески, Ѓеоргиевски, Ташковски, Чемерски, Франговски и др. Овие ликовни уметници, повеќето излезени од Ликовната академија во Белград, во годините на седмата деценија од 20 век, го започнаа својот творечки пат, за да понатаму се развијат во зрели уметници кои ги преземаа и ги продолжија современите текови на македонската ликовна уметност. Студиски патувања во Париз(Франција), Италија и Швајцарија.
Тој беше член на СЛУЈ и на ДЛУМ од 1966 година. Во 1994 до 1996 година и самиот станува претседател на Друштвото на ликовните уметници на Р. Македонија – ДЛУМ, со што е првиот и единствен штипјанец претседател на ова здружение.
Има реализирано над 50 самостојни и околу стотина групни изложби во земјата и странство.
Во 1986 година за време на студискиот престој во Париз, реализира самостојна ликовна изложба во галеријата на Интернационалниот град на уметноста во Париз.
Како претседател на ДЛУМ во 1996 година, повторно релизира самостојна изложба во Париз, заедно со уште неколку ликовни уменици од нашата земја.
Застапен е со дела во постојани галериски поставки во Музејот за Современа Уметност – Скопје, Уметничка Галерија „Даут Пашин Амам” – Скопје, Уметничката галерија Куманово и Штип. Неговите дела се наоѓаат во сопственост на галериски и музејски збирки во земјата, како и во приватни колекции во: Скопје, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Париз, Лондон, Стокхолм, Берн, Цирих и др. градови.Застапен е во повеќе енциклопедии, од кои најзначајни се: „Енциклопедија на ликовната уметност на Југославија”, лексикографски завод Загреб 1984; „Кој е кој во Југославија”, Хумус Белград 1969; „Кој е кој во светот” – Маrckhes publication, Чикаго 1984; „Современо македонско сликарство” од проф. д-р Борис Петковски – историско монографска книга.
Добитник е на најголемата државна награда за сликарство на ДЛУМ „Лазар Личеноски”. Во периодот на поранешна Југославија, добитник е на втора награда за сликање на портрет, на изложбата во Тузла(БиХ), која ја доби за изработка на портрет на Јосип Броз – Тито.