И земјоделците и компаниите да се охрабрат и да инвестираат во нова механизација, опрема и технологија. Многу е лесно да се дојде до финансиски средства ако се има успешна програма и добар бизнис план, порача сопственикот на фирмата „Бако Нутс”, Омер Фејзулаи, кој за само 2,5 месеци потпишал договор со Платежната агенција за ИПАРД 2 и реализирал инвестиција вредна 9,144 милиони денари.
Фејзулаи преку ИПАРД 2 Програмата набавил линија за сушење и опрема за пакување јаткасти плодови, но користел и консултантски услуг за креирање на бизнис планот. Неговата компанија во индустриската зона Качанички пат денеска ја посетија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и заменик-директорт на Агенцијата за финансиска
поддршка во земјоделството и руралниот развој, Абдулселам Селами.
-Ова е импресивна успешна приказна која, се надевам, ќе ги поттикне и другите компании да користат средства од европските фондови. „Бако Нутс” за само 2,5 месеци го потпишала договорот со Платежната агенција и ги добила ИПАРД средствата. Денес има околу 1.200 производи кои ги пласира дома и во регионот, истакна Груби.
Според Селами, „Бако Нутс” е вистински пример како треба да се подготви апликација и како треба да се реализира инвестицијата во целост.
-Оваа компанија за многу кратко време го потпиша договорот, ги набави машините и го заокружи планираното вложување. Ова е примерот по кој треба да се раководат претпријатијата за искористување на ИПАРД средства, нагласи Селами и во оваа прилика потсети дека земјава е лидер во регионот по искористеност на ИПАРД 2. Досега, за неполни три години, напомена, се повлечени преку 50 отсто од расположливите финансии.
Сопственикот на „Бако Нутс” информира дека бизнисот му датира од 1943 година, а го почнал дедо му во Старата скопска чаршија. Од 2000 година се инвестира во нова опрема и машини, но се вработува и нов кадар.
-Со ИПАРД 2 инвестицијата ги зголемивме извозот, квалитетот и производството, многу ги подобривме транспортот и доставата, а дополнително вработивме уште десет лица, рече Фејзулаи.