Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска, до Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ) го достави Досието со кое и официјално аплицираше за добивање статус на земја слободна од болеста класична свинска чума, една година по донесувањето на решението со кое се прекина превентивната вакцинацијата на свињите против оваа болест.
Како што информира директорот на АХВ, Зоран Атанасов, при денешната посета на свињарската фарма „Вини Фарма” во виничкото село Пеклани, во Досието е детално наведена состојбата со болеста во земјава, постоечките контролни системи и поставеноста на ветеринарна служба, надзорот кој се спроведува од кога е престаната вакцинацијата во државата и други податоци релевантни за добивање на статусот слободна земја од оваа болест.
Болеста класична свинска чума во ЕУ е искоренета и ставена под контрола. Затоа, истакна Атанасов, услов на Европската комисија за добивање статус слободна земја од оваа болест е да се прекине со превентивна вакцинација најмалку една година, по што ќе може слободно да се извезуваaт живи свињи, свинско месо и производи од свинско месо на европскиот пазар. Превентивната вакцинација против класичната свинска чума како мерка е забранета во ЕУ.
-Прекинот на вакцинацијата против оваа болест кај нас е дел од сетот превентивни мерки кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги презема во изминатите години, со цел создавање услови за добивање на дозвола за извоз на домашно свежо свинско месо и производи од свинско месо на европскиот пазар. Во изминативе години, Агенцијата за храна и ветеринарство преземаше активности за создавање на услови за престанок со превентивната вакцинација против болеста класична свинска чума. Спроведен беше тригодишниот Акциски план со кој се работеше на интензивирање на активностите за подигнување на нивото на биосигурносните мерки во фармите со свињи, правена е категоризација на според степенот на нивна имплементираност и степенот на ризик, рече директорот.
Според него, надграден е постоечкиот модул за свињи во рамки на Ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство со евидентирање и на индивидуалните одгледувачи и движењето на свињите. Како што рече Атанасов на средбата со менаџментот и вработените на фармата спроведен беше вонреден, а минатата година и редовен попис на одгледувалиштата во рамки на кој се евидентирани вкупно 3.793 одгледувалишта со 133.397 свињи. Само минатата година во кланичните капацитети во земјава заклани се повеќе од 204 илјади товеници, Споредбено со изминатите години, оваа сточарска гранка бележи годишен раст на производството на товеници од 10-15 проценти.
Активно се работи на спроведување на Одлуката за надзор на класичната чума кај питомите и дивите свињи и за периодот 2020/2021 година, активност која се реализираше и во изминатите години, како основа за постигнување и одржува на статусот слободна земја од болеста, рече Атанасов потенцирајќи дека мерките вклучуваат активности за одржување на системот за рана детекција на болеста и за докажување на отсуство на вирусот кај свињите.
-Присуството/отсуството на вирусот на болеста кај популацијата на диви свињи се утврдуваше со лабораториски испитувања на отстреланите диви свињи од страна на ловните друштва со кои АХВ има склучено договори. Покрај активниот надзор на болеста класична свинска чума кој опфаќа системско следење на здравствениот статус на популацијата свињи во земјава, АХВ спроведува и пасивен надзор над болеста кој ја опфаќа обврската за пријавување на сомнеж на болеста класична свинска чума, објасни Атанасов.
Годинава АХВ почна со спроведување нова активност – клинички преглед на свињи кај 2.888 одгледувалишта.
-Во јуни 2020 година се спроведоа клинички прегледи на сите одгледувалишта кои имаат една и повеќе од една свиња. Заклучно со 18.09.2020 година, категоризирани се вкупно 2.889 одгледувалишта од кои 328 се со низок ризик, 2196 со среден, а 306 одгледувалишта се со висок ризик – заклучи Атанасов