Поранешната министерка за правда Рената Дескоска на социјалната мрежа Фејсбук попладнево објави свој став по однос на најавите дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ, размислува да покрене импичмент на претседателот Стево Пендаровски.
„Наводново размислување на #опозицијата за #импичмент на претседателот е најголем доказ за нивната #безидејност и деструктивно политиканство. За што би покренале импичмент? За одлуките за прогласување на вонредна состојба? Па сите тие одлуки поминаа пред Уставниот суд кој одлучи дека не се неуставни. А претседателот може да одговара единствено за кршење на уставот и законите. Уставниот суд веќе кажа дека нема неуставност во одлуките за прогласување на вонредна состојба. Што ќе докажува опозицијата сега? Дека има кршење на закон за вонредна состојба, кој не постои?! Апсурд! Затоа “дебатава” за импичмент наликува на она “нишајте го бродот за нешто да се случува”. Доста е деструкција! Доста е празно политиканство! Граѓаните очекуваат напредок на реформската агенда. А списокот со задачи на таа агенда е долг“, напиша Дескоска.