Заврши рокот за поднесување на апликации за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води – Скопје за град Скопје
Денес, 01.10.2020, во 12 часот по локално време заврши рокот за поднесување на апликациите за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води – Скопје за град Скопје.
„Горд сум што испишуваме нова страница во историјата на Скопје. Идејата за самото отпочнување на овој капитален проект, Пречистителна станица за отпадни води – Скопје, за нас претставува мотивација и поттик да продолжиме да работиме со вложување на сите капацитети и ресурси не само за целите на нашето претпријатие, туку и за доброто на сите граѓани, за заштита на животната средина, за подобрување на условите за живот за нас и за идните генерации. Благодарен сум на сите инволвирани страни, како ЕИБ, ЕБОР, Министерството за животна средина и Владата што ја препознаа вистинската вредност на овој проект и ни ја дадоа својата поддршка за реализација на истиот, – истакна г-дин Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.