Денес, претставници на сите членки на Македонската банкарска асоцијација, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро се сретнаа со мининстерот за финансии, д-р Фатмир Бесими.
Во официјалниот дел се обрати министерот за финансии кој истакна дека банкарскиот сектор и финансиската стабилност на истиот е од исклучителна важност за развојот на економијата преку поддршка на домаќинствата и корпоративниот сектор и тоа преку полесен пристап за кредитирање, депозити и други финансиски услуги. Тој посочи и дека е добро што во услови на криза финансискиот систем остана стабилен.
„Нашиот банкарски сектор покажа уште еднаш дека е резистентен. Адекватноста на капиталот изнесува 17%. Ликвидната актива изнесува 30% во однос на вкупната актива и ниско учество на лошите кредити од 4,7%, како и остварена добивка во првата половина од годината, која што е природен извор на нов капитал, банкарскиот систем е доволно силен да апсорбира евентуални загуби предизвикани од кризата” – вели Бесими. Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова – Штериева, се осврна на реализираните и тековните активности на асоцијацијата од почетокот на ковид – кризата до денес.
„Банкарскиот систем во секој момент може да одговори на потребите на граѓаните и компаниите, преку квалитетна и соодветна кредитна поддршка и клучно – преку безбедност за нивните депозити. Тоа се темели на стабилноста и сигурноста на банките, штедилниците и банкарскиот систем.” – истакна Стевкова-Штериева. Во работниот дел се дискутираше за Предлог-законот за платежни услуги и платни системи, платежните картички за граѓаните како дел од четвртиот пакет за економски мерки за справување со последиците од Ковид-19 како и други теми од заеднички интерес. Во време на најголема глобална економска криза во последните децении, воспоставената успешна соработка ќе продолжи преку заеднички состаноци на квартална основа.