Турција ги криела вистинските податоци за обемот на епидемијата, призна министерот

Турската влада е обвинета за криење на вистинскиот обем на пандемијата на коронавирусот.

Обвинувањата следуваа откако министерот за здравство, Фахретин Коча, призна дека податоците за бројот на заразени лица на дневна основа, објавени од ресорното министерство, се однесуваат само на пациенти со симптоми, а не на сите позитивни случаи.

Коча на прес-конференција изјави дека Турција пријавувала пациенти кои биле згрижени во болниците или во нивните домови од 29 јули.

Тој додаде дека овие податоци не вклучуваат асимптоматски позитивни случаи, а АП наведува дека го игнорирал прашањето за бројот на позитивни случаи на дневна основа, што е клучен показател за состојбата поврзана со пандемијата во една земја.

Министерот зборуваше откако опозицискиот пратеник Мурат Емир рече дека реалниот број на заразени лица на дневна основа во Турција е 19 пати поголем од податоците објавени од владата.

По признавањето на Коча, граѓаните изразија негодување на социјалните мрежи, повикувајќи ја владата да ги открие вистинските податоци за ширењето на коронавирусот меѓу граѓаните на Турција, кои ги има околу 83 милиони.

Турското лекарско здружение, кое со месеци ја обвинуваше владата дека не ги пријавила сите случаи, повика на транспарентност.

Треба да знаете
Последни објави