Од утрово е отворен јавниот повик за иновациски ваучери, наменет за воспоставување соработка во економски развој меѓу домашните компании и универзитетите и истражувачките центри.
Како што соопшти Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), повикот предвидува 15 милиони денари кои од денеска може и да се исплаќаат.
Фондот нагласува дека првпат воведува нов начин на доделување средства по принципот „прв дојден – прв услужен”, односно според редоследот на поднесувањето комплетни апликации. Апликациите се поднесуваат исклучиво по електронски пат, а рокот за аплицирање ќе трае се додека не се исцрпат предвидените средства.
Иновациските ваучери ќе можат да се искористат за покривање до 80 проценти од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари, без данок на додадена вредност (ДДВ). Останатиот дел од 20 отсто е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци. Иновациските ваучери овозможуваат директен финансиски поттик кој претпријатијата го користат да покријат дел од трошоците за услугите кои ги нудат академските и научно-истажувачките институции, на тој начин ќе се интензивира обемот и динамиката на развојот на производите и услугите како и нивниот пласман на пазарот.
Средствата ќе можат да се користат за активности како: развој на нови и подобрување на постоечки производи, процеси или услуги; доказ на концепт, студија за изводливост, техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациони прототипови, различни видови на испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување на посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија.
Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, на презентацијата на Најавата за јавниот повик на 11 септември годинава, нагласи дека „првпат државата воведува инструмент со кој директно поттикнува соработка меѓу академската заедница и бизнис секторот во функција на економскиот развој.”
-Она што е многу важно е дека директен корисник на финансиската поддршка се Универзитетите, додека компаниите добиваат услуга од академскиот кадар – професори, асистенти и студенти. Нашата цел е директно да вклучиме академската заедница во економскиот развој на државата,рече Деспотовски. В
Изминатите две недели ФИТР оддржа и две онлајн инфо сесии со заинтересираните апликанти.
Презентацијата и апликацискиот пакет за Јавниот повик се достапни на https://fitr.mk/javen-povik-za-dodeluvane-na-finansiski-sredstva-preku-inovaciski-vauceri-2/.