Академски час на најстариот факултет: Стота генерација студенти на Филозофски на УКИМ

Прв академски час денеска беше организиран и на Филозофскиот факултет на Скопскиот универзитет, на кој во 2020/2021 е запишана стотата генерација студенти. Филозофскиот е најстара високообразовна установа во земјава и годинава одбележува еден век постоење.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Никола Јанкуловски, кој го  почнува новиот тригодишен мандат, во поздравното обраќање на новите студенти им посака добредојде на најстариот и најголемиот универзитет во нашата држава.

-Со добивањето на препознатливото обележје на УКИМ – престижниот црвен индекс, станувате најмладите и најзначајните припадници на нашата универзитетска заедница. Од денес свечено му припаѓате на УКИМ, а припаѓањето на УКИМ е чест и воедно обврска, затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење, рече Јанкуловски на првиот академски час кој поради пандемијата се одржа на отворено, на платото на Факултетот.

Соопшти дека поради пандемијата, наставата во оваа академска година на дел од 23-те факултети ќе се одвива целосно онлајн, а на некои хибридно – онлајн и со физичко присуство поради природата на наставните содржини и методите на нивно изучување, но иако академската година ќе биде поникава, нагласи Јанкуловски, ќе се вложат напори квалитетот да биде најмалку ист како досега, па и повисок.

Среќен и успешен старт на новите студенти им посака министерката за образование и наука Мила Царовска, порачувајќи дека учењето е најисплатливата инвестиција во животот. За условите на студирање и новите правила што ги наметна пандемијата со КОВИД-19, рече дека се период на предизвици од кои ќе излеземе посилни и помудри, а дека ентузијазмот и непоколебливоста на студентите ќе направи да постигнат значајни резултати и во вакви околности.

Го честиташе и стогодишниот јубилеј на Филизофскиот факултет, истакнувајќи дека еден век високо образование говори за традиција и огромен научен потенцијал во доменот на хуманистичките и општествените науки создадени низ стоте години.

– Во овие времиња во кои целиот свет се соочува со пандемијата, високото образование има посебна и неизбежна улога. Од вас ги очекуваме идните насоки и мерки како да го подобруваме инклузивниот пристап во високото образование на начин којшто нема никого да изостави. Во таа насока, ќе се заложам и во овие клучни времиња високото образование и неговиот предводник – Филозофскиот факултет, повторно да го вратат своето заслужено место и општествен статус што му припаѓа. Заложбите ќе бидат и во правец на силно зајакнување на вкупната наставно-научна инфраструктура и подигнување на стандардот на вработените во високото образование, истакна Царовска.

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев осврнувајќи се на историјатот рече дека од установа со четири студиски програми и 33 студенти во 1920 година, денес наставата се одвива на 19 студиски програми на додипломските студии и има околу 2600 студенти. Има магистерски и докторски студии и развива богата меѓународна соработка.

-Во едно столетие постоење факултетот минал низ многу поголеми предизвици – војни, кризи, епидемии, земјотееси, поплави и секогаш успевал да продолжи со својата мисија да создава кадар и да ја унапредува науката. Со мудрост, разбирање и макотрпна работа и со примена на дигиталната технологија заеднички ќе ја надминеме и оваа пречка, а ќе му помогнеме да се справи и на нашето општество, додаде деканот на Филозофскиот факултет.

Треба да знаете
Последни објави