Брзината со која ќе има опоравување и раст ќе зависи од опоравувањето на економиите во земјите од еврозоната, но и од напредокот на домашните економски реформи, со кои би се подигнало нивото и квалитетот на јавните инвестиции и би се подобрил квалитетот на образованието за да се намали несоодветното ниво на вештини на пазарот на труд, вели во интервју за МИА Анди Аранитаси, претставник на Европската банка за обнова и развој.
Според најновите проекции на ЕБОР, како што наведува Аранитаси, ќе има пад на БДП во државава од 5 проценти годинава и раст од 3 проценти следната година, што е слично со останатите земји од Западен Балкан Централна и Источна Еврипа со индустриска база. Откако имаше раст од близу нула проценти (0,2%) во првиот квартал, БДП се намали речиси за 13% (-12,7%) во вториот квартал, што значеше дека има големи нарушувања во економијата, преку значително намалување на приватната потрошувчка, инвестиции, извоз и увоз, посочува Аранитаси.
Не очекува банкротот на Еуростандард банка значително да влијае на здравјето на банкарскиот сектор, но посочува дека можеме да очекуваме зголемување на нефункционалните заеми откако ќе истечат поволните услови за отплата.
-Ќе продолжиме да ги поддржуваме, преку инвестиции и политики, сите земји од Западен Балкан на нивниот реформски пат и приближување до ЕУ се до нивното пристапување. Северна Македонија како земја-кандидат е од клучно значење за нас и моментално имаме дискусии со владата околу нашата поголема вклученост во земјата, наведува Аранитаси.
Тој посочува дека стратегијата на ЕБОР за Северна Македонија во периодот 2019-2024 предвидува акцентот да биде ставен на три приоритети: зголемена конкурентност на приватниот сектор, зголемена регионална интеграција и поврзување преку подобра инфраструктура, и поддршка на транзицијата кон зелена енергија преку поодржлива мешавина на енергенси и подобра ефикасност на ресурси.
-Инвестиравме преку 160 милиони евра во 2019 година и околу 45 милиони евра во текот на 2020 година. Ќе обезбедиме уште средства до крајот на годината, и според предвидувањата, ќе се обезбедуваат во просек околу 150-200 милиони евра на годишна основа во текот на периодот што го покрива стратегијата, најавува Аранитаси.
Во продолжение во целост интервјуто со претставникот на ЕБОР Анди Аранитаси:
-Последните макроекономски прогнози на ЕБОР предвидуваа пад од 3,5 проценти на БДП годинава во Северна Македонија како последица од пандемијата на коронавирусот, оправување и раст од 5,5 проценти за следната година, а во услови на краткотраен ефект последиците ги оценивте како умерени. Има ли промени во вашите проекции и оценки, што покажуваат и на што се темелат?
Според нашите проекции, ќе има пад на БДП од 5 проценти годинава и раст од 3 проценти следната година, што е слично со останатите земји од Западен Балкан Централна и Источна Еврипа со индустриска база. Откако имаше раст од близу нула проценти (0,2%) во првиот квартал, БДП се намали речиси за 13% (-12,7%) во вториот квартал, што значеше дека има големи нарушувања во економијата, преку значително намалување на приватната потрошувчка, инвестиции, извоз и увоз.
Во нашите мајски проекции, претпоставуваме дека нема да има втор бран на Ковид, со што ќе се овозможеше глобалната економија брзо да се опорави. Тоа ќе обезбедеше и брзо опоравување на македонската економија. Нашата нова проекција го зема предвид фактот дека пандемијата се врати во неколку земји, а имаме и повеќе економски податоци кои го прикажуваат размерот на рецесијата во првата половина од годината.
-Која е вашата генерална оценка за сегашната состојба на македонската економија, како се справуваме со тековната криза и кои се клучните слабости на кои треба да работиме за подобар одговор во услови на нејзино продолжување?
Македонската економија се опоравува од растот од речиси нула проценти во 2017 година и минатата година забележа раст од 3,6 отсто, како резултат на силната потрошувачка, инвестиции и раст на извозот. Силниот раст на извозот значеше дека економијата станала конкурентна, но тој беше нарушен од рецесијата во Западна Европа, предизвикана од пандемијата со коронавирусот.
Брзината на опоравување и раст ќе зависат од опоравувањето на економиите во земјите од еврозоната, но и од напредокот на домашните економски реформи, со кои би се подигнало нивото и квалитетот на јавните инвестиции, и би се подобрил квалитетот на образованието, со цел да се намали некомплементарноста на вештините со пазарот на труд.
– Владата реализираше неколку пакети антикризни мерки насочени кон поддршка на економијата и граѓаните, а последниот беше објавен викендот. Сметате ли дека ова е доволна поддршка и што би ги советувале властите особено за евидентираните изгубени работни места?
До сега, Владата спроведе или најави четири економски пакети за да го ублажи ефектот на кризата. Пакетите содржат сеопфатни мерки, меѓу кои гаранции за кредити, меки заеми и поддршка за компаниите да исплатат плати, грантови, како и дополнителна поддршка за туризмот. Поддршката беше насочена кон категориите кои беа најмногу погодени од кризата.
Според неодамнешниот извештај на ЕБОР и Меѓународната организација на труд, има големо намалување на работните часови во вториот квартал на годинава, со што постои можност за пораст на невработеноста во многу сектори. Извештајот понуди препораки за поддршка на работниците, семејствата и компаниите. Како одговор на тоа, Владата одлучи да ги продолжи мерките за невработените за сите работници, чии договори за вработување завршиле во периодот од 11 март – 30 април.
Долгорочно гледано, од клучно значење е да се врати побарувачката од надвор, од земјите-членки на ЕУ, кои се главните трговски партнери на Северна Македонија.
-Оваа криза не го засегна финансискиот сектор. Тој во земјава е стабилен, според оценките на надлежните, освен затворањето на Еуростандард банка, која според нив не е последица на корона кризата. Каква е вашата оценка за состојбата на банкарскиот сектор и дали тој доволно ја поддржува економијата во оваа криза?
Македонскиот банкарски сектор изгледа добро капитализиран (со коефициент на адекватност на капиталот над 17%) и ликвиден. Не очекуваме дека банкротирањето на Еуростандард Банка, со оглед дека е мала банка, значително ќе влијае на здравјето на секторот. Нашиот став за состојбите во банкарскиот сектор се рефлектира и преку неодамнешното потпишување на новите договори со две домашни финансиски институции, Шпаркасе и НЛБ, во висина од 28 милиони евра. Исто така, имаме повеќе проекти кои се во фаза на подготовка со други домашни банки, кои очекуваме дека ќе бидат наскоро потпишани.
Стапката на нефункционални заеми, исто така се намалува, но можеме да очекуваме зголемување откако ќе истечат поволните услови за отплата. Растот на банкарски заеми остана релативно висок, над 6% во август и 8,2% во јули.
– Банките се ваши партнери во повеќе проекти што ги поддржувате во држвава преку вашите програми. Колку фирми досега добија поддршка како резултат на тоа партнерство и што може да се очекува во следниот период во таа насока?
Се разбира, имаме тесна соработка со повеќе домашни банки. Тоа е важен дел од нашата стратегија, да опфатиме колку што е можно повеќе заемопримачи во реалниот сектор. Во изминатите години се фокусиравме на два главни производа. Првата е Програмата за поддршка на конкурентноста, која им помага на малите бизниси преку инвестиции, да ги достигнат стандардите на ЕУ во здравство и безбедност, квалитет на производите или заштита на животната средина. Втората е Програма за финансирање на зелена економија за поддршка на инвестиции од страна на локални домаќинства, организации за домување и оние кои нудат услуги во врска со мерките за енергетска ефикасност.
Овие инструменти се поддржани од ЕУ, австриската Влада и мулти-донаторската Програма за инвестирање на Западен Балкан. Создадени се на регионално ниво за Западен Балкан, но Северна Македонија е една од најуспешните земји во регионот во поглед на нивното искористување. Преку банките-партнери ставивме на располагање над 50 милиони евра преку двете програми заедно. Досега се реализирани повеќе од 140 проекти со различни компании преку Програмата за поддршка на конкурентноста, како и над 1300 под-заеми преку Програмата за финансирање на зелена економија . Со оглед на големата побарувачка, размислуваме да ги продолжиме и двете програми во земјата.
– Колку кризата го промени пристапот и целосната стратегија за поддршката што ја нуди ЕБОР?
Пандемијата влијае врз земјите каде работи ЕБОР многу повеќе од било кој друг настан од основањето на банката пред скоро 30 години. Ние одговоривме соодветно, преку преориентирање на нашите инвестиции и политики кон поддршка на нашите клиенти во текот на кризата. Вкупно ќе инвестираме 21 милијарди евра во периодот 2020-2021 година, за ублажување на економските последици.
Покрај тоа, нашиот пристап кон финансирањето е прилагоден кон новите предизвици. На пример, скоро 4 милијарди евра од оваа поддршка ќе биде наменета за постојани клиенти, преку забрзан процес на одобрување, со цел да се овозможи побрза испорака на поддршката. Друг дел од нашите инвестиции во 2020-2021 година ќе биде во форма на поддршка за виталната инфраструктура, со цел „светлата да останат вклучени”, во буквална смисла на зборот.
– Што опфати досегашната поддршка од ЕБОР за нашата држава и може ли да очекуваме дополнителна помош на нашиот јавен и приватен сектор?
ЕБОР во Северна Македонија досега има обезбедено повеќе од 2 милијарди евра во над 144 проекти. Ние сме најголемиот мултилатерален заемодавач за инфраструктурни проекти, но исто така сме силно фокусираме и на приватниот сектор. Нашата стратегија за Северна Македонија во периодот 2019-2024 година става акцент на три приоритети: зголемена конкурентност на приватниот сектор, зголемена регионална интеграција и поврзување преку подобра инфраструктура, како и поддршка на транзицијата кон зелена енергија преку поодржлива комбинација на енергија и подобра ефикасност на ресурси.
Инвестиравме над 160 милиони евра во 2019 година и околу 45 милиони евра во текот на 2020 година. Ќе обезбедиме уште средства до крајот на годината, а според предвидувањата, ќе се обезбедуваат во просек околу 150-200 милиони евра годишно, во периодот кој го покрива стратегијата.
– Капиталните инвестиции во вакви услови се клучни за економскиот раст. Од крупните инфраструктурни проекти сте вклучени во финансирање на втората делница од пругата кон Бугарија на Коридорот 8, а државата е во потрага по финансии за останатиот неизграден дел од овој коридор. Ја разгледувате ли можноста да се вклучите со дополнителна поддршка во овој или во други инфраструктурни проекти?
-Обезбедуваме 145 милиони евра за изградбата на втората делница (Фаза II) од пругата кон Бугарија во рамките на Коридорот VIII. Ова претставува клучен дел од нашите ангажмани во полето на инфраструктура во земјата. Побарувачката е голема и ЕБОР е најголемиот заемодавач во Северна Македонија во секторот инфраструктурата, со тековно портфолио во вредност од над 700 милиони евра. Тука се вклучени секторите енергетика, железница, патишта и одржливи проекти за општините. Инфраструктурни проекти кои ја олеснуваат регионалната поврзаност и интеграција, овозможувајќи на земјите од Западен Балкан подобро да се поврзат и да го ослободат нивниот потенцијал, се во фокусот на стратегијата на ЕБОР за Северна Македонија и Западен Балкан.
Во Северна Македонија вклучени сме во развивањето на голем број клучни енергетски и инфраструктурни проекти, како што се делниците Кичево-Букојчани и Скопје-Блаце во рамките на Коридор VIII, нов систем за Брз автобуски транзитен систем (,,автобуско метро”) за Скопје, делници Кичево-Гостивар и Свети Николе-Велес во рамките на мрежата за пренос на гас, дистрибуција на гас врз основа на јавно-приватно партнерство, гас интерконекција со Косово и финансирање на фотоволтаични проекти во Осломеј и Битола, се дел од нашите активности.
– Во очекување на почеток на преговорите на државата за членство во ЕУ може ли да сметаме на финансиска и техничка поддршка во оваа насока?
ЕБОР е мултилатерална финансиска институција со европско срце и ние силно веруваме во европската интеграција. Многу сме среќни што голем број од земјите со кои работиме се веќе земји-членки на ЕУ и сакаме сите земји од Западен Балкан еден ден да се приклучат на Унијата. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме сите земји од Западен Балкан на нивниот реформски пат, приближување до ЕУ, па сè до нивно пристапување. Северна Македонија како земја-кандидат е од клучно значење за нас и моментално имаме дискусии со Владата околу нашата поголема вклученост во земјата.
– Која е вашата порака за властите и приватниот сектор во услови на натамошна неизвесност од тековната криза?
Мојата порака е дека ЕБОР била и секогаш ќе биде ваш партнер и пријател. Оваа е криза без преседан, но тука сме да ви дадеме поддршка со цел заедно да ја надминеме.