По повод Денот на ослободувањето на Скопје, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во рамки на мултимедијалната манифестација „Денови на европско Скопје” која ќе се одржи во соработка со Град Скопје и Канцеларијата на Европската Унија во РСМ распишуваат конкурс за новинарски текст на тема „Мостовите на Скопје” кој е отворен до 31 октомври.
Како што соопштуваат од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, авторските текстови треба да содржат проблемски, рефлексивни и визонерски аспекти за Градот и да ја афирмираат определбата за европско Скопје, без дневно-политички конотации. Пристигнатите творби ќе конкурираат за три, непарични награди и тоа првата награда – лаптоп и втората и третата награда – андроид телефонски апарат.
-На конкурсот своите есеи можат да ги пријават новинари на медиумите (пред се) од Скопје, (но и новинари од медиумите во другите места на Република Северна Македонија) кои се ангажирани во новинарството, било во работен однос, по договор на дело или новинари кои имаат хонорарен ангажман во електронските, во печатените, во радио-дифузните (ТВ-канали, радио-станици) и во интернет-медиумите (портали и блогови). Текстовите се испраќаат под полно име и презиме (без шифра или псевдоним) и со контактите на кандидатот (назив на медиумот за кој есеистот работи на новинарски задачи, телефон, имејл, придружени кон неговиот потпис. Сите овие податоци се испишуваат еден под друг, на крајната лева страна од самиот почеток на текстот. Секој автор може да учествува само со по еден текст, информираат од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Во рамките на темата „Мостовите на Скопје”, испратениот текст треба да содржи и сопствен, специфичен наслов. Текстот треба да содржи од 400 до 500 зборови не сметајќи ги растојанијата, во фонт Аriel -12 со македонска поддршка. Текстовите на други теми, со дневно-политички потходи и оние кои го надминуваат спомнатиот обем нема да бидат земени предвид.
Новинарите од различни етнички припадности, есеите можат да ги испратат во верзија напишана на својот мајчин јазик (во фонт Аriel -12, со поддршка на соодветнот јазик) и – во продолжение на истиот фајл – со превод на македонски. Текстовите се испраќаат на e-mail адресата: skleto@unet.com.mk. Краен рок за испраќање на есеите е 31 октомври.
За резултатите од конкурсот учесниците ќе бидат известени веднаш по донесувањето на одлуката на Комисијата на овој конкурс, пред свеченото врачување на трите наградени трудови.