По првпат, Европската комисија објави извештај со анализа на владеењето на правото во сите земји на ЕУ, кој нотираше многу проблеми кога станува збор за Бугарија.
– Извештајот на Европската комисија ги констатираше проблемите кои со години се очигледни за Бугарите. Но, кога го коментираме овој извештај, мора да сфатиме дека колку што е критички настроен кон Бугарија, толку е самокритичен и кон самата ЕУ, бидејќи тоа е признание за долгогодишен неуспех во борбата против неконтролираната корупција, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Шефот на државата посочи дека продолжувањето на Механизмот за соработка и верификација е доказ дека владата не добива европска индулгенција поради неуспехот во борбата против корупцијата, пренесува БГНЕС. – Мојата благодарност и поддршка е за сите граѓани кои престанаа да чекаат констатации и одлуки однадвор за справување со политичката корупција, лошото медиумско опкружување, олигархиските зависности, недостигот на контрола на главниот обвинител и се борат да ја вратат својата земја, рече Радев.
– Систематското газење на законот и јавниот интерес од страна на главниот обвинител во неговите напори да ја заштити владата и одредени олигарси по секоја цена и да се нападнат неподобните, го нарушува владеењето на правото и бара одговор од целиот правосуден систем, рече бугарскиот претседател. Тој изрази надеж дека со заеднички напори чесните бугарски обвинители ќе добијат шанса да започнат вистинска борба против корупцијата и ќе бидат во одбрана на владеењето на правото.