Во Охрид се одржува 31 Синдикална школа на вработените во УПОЗ

Претставници на 120 синдикални здруженија што се членки на Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ) се учесници на 31-та Синдикална школа на УПОЗ што од денеска се одржува во Охрид.

На овој едукативен собир насочен кон обука на членството за начинот како да ги остваруваат своите права, покрај професори и експерти по правни науки за прв пат се се поканети и претставници на работодавачите. Целта на нивното учество е да ги слушнат ставовите на синдикатот по однос најважните прашања од интерес на членството и вработените, со очекувања за истите реално да ги информираат своите претпоставени и на тој начин во иднина да бидат надминати сите недоразбирања и самоволни толкувања на одредбите уредени со Колективниот договор.

–  За нас е битно претставниците на работодавачите – министерствата, општините оттука изворно да ги известат своите претпоставени за правата што на вработените им се гарантирани со закон и се уредени со Колективниот договор, истакна претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Меѓу главните теми на дискусија на собирот се правото на регрес за годишен одмор, исплатата на надоместоци и додатоци на плата, неодамна донесената, па стопирана одлука за промена на работното време, како и сите останати прашања од интерес уредени со Колективниот договор потпишан во февруари оваа година.

–  Согласно договорот ,вработените имаат право на девет илјади денари како регрес за годишен одмор. Ниту едно од правата предвидени со Колективниот договор не може да се суспендира ниту со одредба, уредба, закон и согласно тоа останува обврската на работодавачот до крајот на годината да исплати регрес. Проблемите се јавуваат кај некои институции чии службеници погрешно ги толкуваат одредбите од Колективниот договор. Оттаму е бесмислено да се поставува прашањето за вработените дали ќе се исплатува регрес за тековната година, треба да биде јасно дека доколку работодавачот не го стори она на што е обврзан, вработените своето право можат да го остварат преку суд, истакна Грујовски.

По однос донесената, па стопирана одлука за утврдување на работно време, синдикалците од УПОЗ со став дека какви било измени на одредбите од Колективниот договор не можат да се прават без согласност на Синдикатот како социјален партнер.

– Ние бевме затекнати од таквата одлука. Тие беа должни нас да не информираат и за каква било измена да се разговара преку консултации на ниво на социјални партнери. Со Гранскиот колективен договор потпишан во почетокот на оваа година е утврдено дека работното време е флексибилно. Доколку се работи за некаква времена одлука, можеме да разговараме, но без наша согласност не може да се носат какви било измени, истакна Грујовски.

Според реченото на собирот во Охрид, разговорите на страните од социјалниот дијалог се одвиваат коректно, со одредени пропусти и потешкотии во уредувањето на односите во одредени институции.

Од УПОЗ за голем успех го сметаат тоа што претставници на Синдикатот првпат учествуваат во процесот на спроведување на вертикалната функционална анализа што е актуелна во јавниот сектор, со цел да не може да се спроведува систематизација без притоа да биде вклучен синдикат.

Треба да знаете
Последни објави