Текстот со заклучоците ги одразува грчките позиции, коментираат грчки владини извори за заклучоците на шефовите на владите и државите на ЕУ во однос на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Додаваат дека преговорите биле тешки, а конечниот текст што беше усвоен „е многу подобар за позициите на Грција и Кипар од оној што првично беше предложен”, па така „ЕУ испраќа порака на единство, солидарност и решителност”.
Според истите извори, Унијата ќе ги искористи сите алатки што ѝ стојат на располагање за да ги одбрани нејзините интереси и интересите на нејзините земји-членки, во случај на еднострани активности, ќе ги следи случувањата и ќе ги преземе соодветните одлуки најдоцна до самитот во декември.
Текстот што првично беше предложен како основа за дискусија, не беше прифатен од Грција, бидејќи, како што објасни портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во синоќешното интервју за „ЕРТ”, „не бил избалансиран”.