Заврши истрагата за „Поштенска банка“, наскоро обвинение за перење на над 5 милиони евра

Заврши истрагата за случајот “Поштенска банка”, случај кој во 2018 година го отвори СЈО, а наскоро се очекува и да биде поднесен обвинителен акт, објави „Фокус“.

Станува збор за индиректно кредитирање на основачките влогови со средства од банката која се основа, што е спротивно на Законот за банки и преставува злоупотреба на службената положба и овластување. Според „Фокус“, во истрагата била утврдена штета од 8 милиони евра.

Информацијата за “Фокус” ја потврди обвинителот Бурим Рустеми, а известување за завршена истрага веќе добиле повеќето од осомничените и нивните бранители.

Овој предмет беше дел од доказната постапка за случајот “Рекет”, бидејќи како за “Империја”, така и за “Поштенска банка” обвинителка Катица Јанева барала од надлежните обвинители да ги затворат случаите со спогодба, односно осомничените да платат штета и да избегнат затворски казни.

Во предистрагата беа осомничени деветмина, но ова не значи дека на обвинителна клупа ќе седнат сите кои првично биле под лупа, односно обвинение ќе се поднесе само за оние за кои првичните сомневања се потврдени.

Истрагата опфаќаше повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 и со истата се опфатени девет лица и тоа: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Гкеорги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.

 

Треба да знаете
Последни објави