Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Кралството Данска во нашата земја, Сузан Шајн, на која беше истакната одличната соработка меѓу двете земји во НАТО и беше нагласена заедничката согласност дека како придобивка од оваа соработка и сојузништвото во НАТО, Северна Македонија и Данска треба да ја поттикнат и економската.
– Заев ѝ го честиташе назначувањето на амбасадорката Шајн и ja реафирмираше определбата на двете земји за интензивирање и унапредување на билатералните односи и соработка во сите сфери од заемен интерес, со интензивирање на контактите на високо и највисоко ниво на претставници на државните врвови на Северна Македонија и Данска, информираа од владината прес-служба.
Претседателот на Владата ја информирал амбасадорката за приоритетите на новоизбраниот владин состав меѓу кои доминираат остварувањето на обврските на земјата како членка на НАТО, интензивните подготовки на рамката за преговори и за организирање на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство во ЕУ, како и справувањето со КОВИД-19 и политиките за одржлив економски развој во услови на пандемија и подготовките за рестарт на економијата.
Шајн потенцирала дека нејзина првична обврска е да подготви портфолио за можностите за инвестирање во Северна Македонија и да ги запознае компаниите во нејзината земја за да го поттикне интересот за инвестиции, особено откако со членството во НАТО земјата е стабилна и сигурна дестинација за странски вложувања.