На овогодишното издание на Светскиот форум за тутун и никотин, кое се одржа од 21-ви до 24-ти септември, од големиот број панели кои се одржаа и спикери кои земаа учество во програмата, еден панел привлече особено внимание и беше виртуелно најпосетениот панел на настанот.
Станува збор за панелот насловен „Тутунски производи со модифициран ризик и комуницирање на релативен ризик“ каде всушност се обрна особено внимание на една од најактуелните теми од оваа индустрија во последните години, а особено месецов кога истекува рокот за поднесување на апликациите за MRTP дозвола до Американската агенција за храна и лекови (FDA). До сега, само 2 производи ја имаат добиено оваа дозвола, а тоа се снус на компанијата Sweedish Match и IQOS на Philip Morris International. На панелот учествуваа претставници токму од овие две компании, Тригве Јунг, потпретседател на научни работи во Swedish Match и Моира Гилхрист, потпретседател на стратешки и научни комуникации во PMI, придружени од Клифорд Е. Даглас, професор и директор на Мрежата за истражување на тутун.
Уште на самиот почеток се истакна колку обемен, долг, сложен и макотрпен процес претставува добивањето на MRTP (Тутунски производ со модифициран ризик) дозволата која ја издава Американската агенција за храна и лекови, процес кој панелистите едногласно го поистоветија со маратон. Модераторот на овој панел Робин Гуџелет изнесе краток преглед на 5-те чекори кои треба да се поминат за добивање на дозволата. Според неа, во основа оваа дозвола се заснова на прифаќање на одредени тврдења кои го има компанијата за производот и научни истражувања и докази кои би ги потврдиле и поддржале дадените тврдења.
„Мислам дека за нас како компанија, тоа е навистина, навистина важна и историска пресвртница. Во таа смисла, одлуката на FDA беше потврда на целта што ја поставивме во минатото и пред да се приклучам на компанијата пред 14 години. Тоа се покажа како одржлив пат, кој сите го следиме.“ – вели Моира Гилхрист од Филип Морис за важноста на оваа одлука за нејзината компанија. „Во САД има скоро 40 милиони пушачи и мислам дека од витално значење е да се информираат луѓето дека постои алтернатива и тутунски производи со модифициран ризик. Бидејќи не само што сега имаат пристап до подобра алтернатива, туку и јасни информации. Сакаме да го понудиме овој производ како алтернатива на цигарите и мислам дека конечно се случуваат огромни промени за целата наша индустрија“, додаде таа.
Јунг одлуката за издавање на дозволата исто така ја нарече историска и посочи дека е од исклучително значење за компанијата и за досегашните напори. „Индустријата и компаниите се преобликуваа. Порано бевме дел од брз потрошувачки сектор, кој исто така беше поврзан со занаетчиство. Ова е далеку од брзо. Секако, факт е дека имаме одредени рокови, но тоа трае двојно подолго. Постојат истражувања, тестови, состаноци, години учење, и за нас и за од FDA. На крајот јавното здравје и работата на компанијата одат рака под рака. Доколку ние како компанија успееме да ги пренасочиме пушачите од пушење кон помалку штетен производ, тоа е придобивка како за нашите засегнати страни, така и за заедницата “, истакнува тој.
Во исто време, Клифорд Е. Даглас истакна дека со цел да се заштити јавното здравје, пазарот за тутунски алтернативи мора да се регулира и да се информира за нивниот ефект врз организмот. „Оваа одлука на FDA им овозможува на возрасните пушачи да бидат информирани дека целосното префрлување на IQOS е подобра опција отколку да продолжат да пушат“, вели тој.
На крајот, експертите инсистираа на потребата да се создаде свет без чад, преку прописи за овие производи. Тие се согласија дека тоа ќе биде можно доколку во следните години науката, производителите, владите и општеството соработуваат на вистински начин, со информации и пристап до подобри алтернативи кои позитивно влијаат на населението воопшто и на пушачите особено.
Тврдењата кои се одобрени за комуникација и изнесување во јавноста, по екстремно сложениот четиригодишен процес кој според Гилхрист вклучува и 35 обемни амандмани и дополнувања за добивање на дозволата, конкретно за IQOS уредот на PMI се:
- IQOS уредот го загрева наместо да го гори тутунот
- Ова значително го намалува создавањето на штетни и потенцијално штетни соединенија
- Научни студии покажале дека при промена на согорливите цигари со IQOS доаѓа до значително намалување на изложеноста на телото на штетни и потенцијално штетни соединенија
Овој панел беше проследен со прес-конференција на која претставникот на Philip Morris International Моира Гилхрист, на новинарското прашање дали можеме целосно да веруваме на науката која стои зад овие уреди, таа одговара:
„Често го добивам ова прашање, а мојот одговор е секогаш ист. Објавивме сè. Податоците можете детално да ги прегледате. Можете повторно да ги анализирате необработените податоци. Доколку сакате, можете да ги прегледате сите наши апликации до американската FDA. Може да се најде на веб-страницата на институцијата. Постојат стотици илјади страници со таа наука.“ Таа исто така нагласи дека и самата работела во здравствена заштита и дека принципот според кој се водат е отворен и транспарентен, така што луѓето можат да дојдат само до сопствени заклучоци.