Познатиот српски режисер и писател Горан Марковиќ оцени дека власта на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе доживее „неславен крај” и додаде дека Вучиќ „нема да ја предаде власта без крв”, јави допсиникот на МИА од Белград.
– Вучиќ нема да ја предаде власта без крв. Тој многу добро знае дека без неа е само црв што ќе се грчи на оган. Затоа ќе прибегне кон секое лудило во обид да остане на власт, изјави Марковиќ во интервју за порталот „Лупига”.
Марковиќ додаде дека епилогот на власта на Вучиќ „зависи од граѓаните”.
– Тоа зависи од тоа дали меѓу нас има храбри и одлучни луѓе, како нашите предци во тешките моменти кои оваа нација ги имаше толку многу пати. Или само се останати робови без желба, неподготвени да вложат барем дел од својот мизерен живот во обидот да му дадат смисла, вели Марковиќ.
Тој оцени дека, поради јавно искажаните ставови, ќе биде „тешко дека некој ќе му даде” да снима филмови.
– Но, добро, некако сето тоа треба да заврши. Можеби е подобро вака отколку да снимам некој здодевен филм. Кога ќе почувствувам дека сум конечно отстранет, ќе кажам: „Добра ноќ и пријатно” и ќе се посветам на книгите, кои поради општата гужва во мојат живот, не успеав да ги прочитам, кажа Марковиќ.
Зборувајќи за неговиот конфликт со режисерот Емир Кустурица, Марковиќ рече дека го познава уште од рани денови и дека тој отсекогаш бил „помалку уличар, можен деликвент” и ако не станеше светски познат режисер, „веројатно сега ќе беше во затвор”.
Марковиќ наведе дека „тој дури и помалку жали за Кустурица”, кој „ја загубил својата татковина, Сараево, станал апартрид, ја сменил својата вера и нација, сè во потрага по некој друг во себе”.
– Покрај тоа, ги има сите тие одлични награди. Тој е веројатно е најнаградуваниот режисер во историјата на кинематографијата. Тоа тешко се издржува, тоа сака да корумпира. Особено ако имате такви предиспозиции за кои зборував. Сè на сè, тој е за жалење, изјави Марковиќ.