Општина Аеродром: Аплицирајте за субвенции за велосипеди!

Општина Аеродром објави оглас во кој ги повикува граѓаните да аплицираат за субвенции за велосипеди, а јавниот повик почнува од 1 октомври, и ќе трае до 30 октомври 2020 година.

Повикот ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, а едно лице може да поднесе едно барање за добивање надоместок за еден велосипед. Секој полнолетен жител на Општина Аеродром што купил велосипед во тековната 2020 година, најдоцна до денот на траење на јавниот повик заклучно со 30 октомври, може да достави барање за поврат на средствата во износ од 50 % од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3 000 денари, со вклучен персонален данок на доход.

Потребни документи за аплицирање:

  1. Барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Општината или да се симне од интернет-страницата на Општината www.aerodrom.gov.mk);
  2. Фотокопија од лична карта или пасош како доказ за жителство во Општина Аеродром;
  3. Фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
  4. Оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка издадена во РСМ, со датум од тековната 2020 година како доказ дека е извршено купување велосипед;
  5. Изјава (изјавата може да се подигне во Општина Аеродром или од веб-страницата на Општина Аеродром: www.aerodrom.gov.mk) со која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека нема добиено субвенции од друга институција.

Документацијата се поднесува во архивата на Општина Аеродром во затворен плик со намена за „Јавен повик за субвенции за купување велосипеди“ со назнака НЕ ОТВОРАЈ. Целта на овој проект е да се поттикнат граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство, што ќе овозможи да се растовари сообраќајниот метеж, но и да придонесе за почист воздух и поздрава животна средина.

 

Треба да знаете
Последни објави