Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Фредерик Мерис, амбасадор на Кралството Белгија во нашата држава.
На состанокот e пренесено дека се препознаени напорите на Владата за напредок во евроинтеграциите, дека се вреднува направеното на политички план во добрососедските односи и дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува нашата земја низ инвестициски планови со цел развој на државата.
Премиерот Заев се заблагодари за солидарноста што ја покажаа Белгија и ЕУ кон нашата држава за време на здравствената криза, иако Северна Македонија не е сѐ уште членка на Унијата.
„Граѓаните се определија за евроатлантски ориентирана Влада и ќе продолжиме да ја развиваме државата како успешна членка на НАТО и држава со европски вредности. Очекуваме да ги почнеме преговорите со ЕУ за време на германското претседателство со ЕУ. А, секако од големо значење е и тоа што Белгија го има претседателското место во Европскиот совет, како мотиватор на европското проширување. Многу ни значи поддршката од ЕУ преку најавените инвестициски планови за Западен Балкан, во делот на инфраструктурата, бидејќи тоа е од помош и за развојот на економијата кон што сме посветени. За развојот на економијата, како и за евроинтеграциите важни се и владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата и силно сме определени да покажеме резултати и во овие области”, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари за силната поддршка на нашите европски интеграции, што доаѓа како од Белгија, така и од Холандија и Луксембург, како земји членки на Бенелукс групата. Тој потенцираше дека нашата држава е цврсто решена да придонесе во Европа како мотор на вредности, демократија, мир и добар живот од интерес на граѓаните на сите европски држави.
На состанокот се разговараше и за билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Белгија, којашто е веќе активна во инвестициите, трговијата, универзитетската размена, но заеднички се гледаат можности за интензивирање, посебно во делот на бизнис релациите.