(Видео) Објавени снимки на кои Меланија пцуе и за новинарите вели – „Каде беа кога Обама го правеше тоа“

Првата дама на САД изразила презир кон извештаите во медиумите за разделување на децата од нивните родители на американско-мексиканската граница пред две години, откриваат разговори што тајно ги снимила нејзината поранешна асистентка, Стефани Винстон Волкоф.

Волкоф престана да работи за Меланија Трамп откако беше обвинета за лошо управување со финансиите на инаугуративниот комитет на претседателот Доналд Трамп и од тогаш соработува со федералните истражители во истрагата за наводите дека комитетот служел како црн фонд за збогатување на претседателското семејство.

Годинава таа напиша книга за која вели дека открива сè, а снимките ги објави во четвртокот на Си-ен-ен.

„Не се за***вајте со мене“, вели Меланија за новинарските прашања во врска со политиката на Трамп за раздвојување на бегалските семејства.

„Каде беа кога Обама го правеше тоа“, се слуша на снимката.

Германската агенција ДПА пишува дека некои семејства на мигранти биле разделувани на границата и за време на мандатот на претседателот Барак Обама, но дека тој не водел политика за разделување на семејства како Трамп, кој тоа го користел како мерка за да ги одврати азилантите и мигрантите од илегално преминување на границата.

Снимките исто така покажуваат дека на Меланија и било преку глава од подготовките за прославата на Божиќ во Белата куќа.

„Кого го заболе за божиќните глупости и украси. Но, сепак морам да го правам тоа, нели?”, негодува првата дама во разговор со Волкоф од јули 2018 година.

Претседателот Трамп уште од 2017 се пофали дека како претседател повторно ќе честита со пораката Среќен Божиќ, наместо со изразот Среќни празници кој се користел во претходните неколку години.

Треба да знаете
Последни објави