Коментари со желба за брзо решавање на прашањето за Гоце Делчев. Вака ги нарече Заев, новите бугарските изјави дека македонскиот јазик е отворено прашање, кое треба да се реши.
Според него јазикот и идентитетот се гарантирани со Договорот за добрососедство, а Владата ќе биде внимателна во изјавите за да има решение со позитивни последици за двете земји.
– Гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ. Јас верувам дека сите тие документи, коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавје или шеста историска личност што може да биде одлична можност да не сплотува, да не зближува, да го јакне пријателството и слично. – изјави Заев.
За побрзо решавање на прашањето со Бугарија, Заев најави дека следната недела министерот Османи ќе оди во официјална посета на Бугарија, што ќе биде и претходница на неговата средба со Борисов, која најкасно треба да се случи на почетокот на ноември.
Сепак Бугарија игра на повеќе карти. За шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, Договорот за добрососедство не е потврда за македонскиот идентитет, а освен Делчев на маса треба да се стави и македонскиот јазик, кој треба да се решава во рамки на Договорот. Бугарија инистира на гаранција од ЕУ, дека за време на преговорите, Спогодбата меѓу Скопје и Софија да биде набљудувана цело време.
– Од друга страна, тој процес треба да се набљудува, има многу за исполнување од Договорот, тука е прашањето на јазикот, историското минато. Обидите пак да се претстави Бугарија дека ја негира реалноста не се вистинити. – изјави Екатерина Захариева МНР Бугарија.
И додека Захариева порачува дека Македонија нема да биде блокирана на патот кон ЕУ, официјална Софија прави нови потези. Собранието во Бугарија го преименува празникот 24 мај, во Ден на бугарската писменост. Со 73 гласа „за“, четири „против“ и 34 „воздржани“, вчера бугарското собрание го усвои предлогот на коалицијата на вицепремиерот Красимир Каракачанов. Според партијата на Каракачанов, ова е прв чекор кон признавање на кирилицата од страна на ЕУ како бугарска азбука.