Советот на Европа ја предупреди Бугарија дека не може да ги забранува здруженијата на македонското малцинство.
Во соопштението кое е објавено на интернет-страницата на Советот, бугарската влада се повикува да ги продолжи своите напори за подигање на свеста дека на здруженијата чија цел е признавањето на македонското малцинство во Бугарија не треба да им се забранува да се регистрираат поради нивните цели, бидејќи тоа е спротивно на пресудите на Европскиот суд во овие случаи, односно дека таквите здруженија не треба да бидат предмет на постапки за распуштање по слична основа.
За оваа одлука Комитетот на министрите на Советот на Европа се повикува на член 46 од Конвенцијата за заштита на основните човекови права и слободи.
Македонски организации од Бугарија, против одлуките на бугарските власти да го забрануваат делувањето на овие здруженија, досега до Советот на Европа имаат поднесено повеќе жалби.