Во организација на Народна техника на Македонија и Кино Сојузот, со поддршка од Општина Градско и НУ Стоби во нивните павилјони во Стоби денеска и утре се одржува првата „Школа за непрфесионален и аматерски филм Стефан Сидовски-СИДО” во чест на нивниот активист и член на жири комисија а на кому организаторите му ја посветија.
На школата се пријавени 46 најдобри основци и средношколци од оваа област, а поради протоколите со Ковид-19, организаторите за годинава одбраа 13 учесници, ученици основци и средноколци од девет градови во земјава ( Велес, Градско, Скопје, Битола, Струмица, Свети Николе, Куманово, Кавадарци и Демир Хисар). Школата за отворена ја прогласи градоначалникот на Општина Градско, Роберт Бешовски кој на учениците и организаторите им посака успешна работа.
Пере Митрев, директор на Народна техника на Македонија, рече дека во текот на денешниот и утрешниот ден учесниците ќе добијат општи информации за непрофесионалниот и аматерски филм и од идеја па се до монтажа на нивни снимен аматерски филм.
Тој појасни дека оваа прва школа која планираат да прерасне во традиционална ја прават во чест на професорот и нивниот сега покоен активист Стефан Сидовски-СИДО од Скопје.
– Според своја процедура ги избравме најдобрите ученици во оваа област и се потрудивме да има претставници од различни градови имавме големиот интерес, но поради специфичноста на ситуација со Ковид-19 моравме да селектираме и избереме само 13 учесници. Целта е учениците од основните и средни училишта од земјава да добијат сознанија и едукација од областа на филмот, со што се надеваме дека во иднина некои од нив ќе станат познати филмски работници. Затоа што сите професионалци во филмот започнале со аматерски филмови, а потоа продолжиле и станале познати во областа на филмот, појасни Митрев.
Тој информира дека по теоретското запознавање учесниците ќе имаат и практичен дел заедно со нивните предавачи и обучувачи.
Инаку учесниците на школата попладнево работат на монтажа, а утре ќе имаат и нивна практична работа со камери и самите ќе снимат свој аматерски филм-непрофесионален филм.
– На крај тој материјал учесниците ќе научат како да го монтираат и тие филмови како десетминутни аматерски, напролет идната година јавно ќе бидат презентирани, истакна Митрев.
Тој воедно најави дека со овие свои изработени филмови учесниците од школата, потоа ќе можат да учествуваат и на Државниот фестивал за непрофесионален филм кој го организира Народна техника и Кино Сојузот, а потоа и на меѓународниот фестивал за аматерски филм „Камера 300″ што секоја година се одржува во Битола.