25 години од атентатот врз Глигоров

На денешен ден пред 25 години беше извршен атентат врз тогашниот македонски Претседател, Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди во главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувач покрај местото на настанот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот “Бристол” во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција до работното место во Собранието на Република Македонија. Бомбата, поставена во автомобил „цитроен АМИ 8“, експлодираше кога автомобилот на Претседателот поминувал покрај него.

Оттогаш имаше бројни заложби и ветувања дека нарачателите и извршителите ќе бидат пронајдени и донесени пред лицето на правдата, но досега не е решена мистеријата кој е нарачателот и кои се извршителите на атентатот врз првиот македонски Претседател.

Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски поведе истрага, која се уште е отворена. Повозрасните се присетуваат на тоа време, и истрагата во која од гаражи и домови низ Скопје, беше собирана песок за анализа и споредба со таа во вреќите од „цитроенот“ во која беше експлозивот за атентатот врз претседателот Глигоров. Фрчковски како нарачатели ги посочи бугарската „Мултигруп“, југословенската „КОС“ , но и „Братиславска врска“, но не се пронајдени цврстии докази околу нивната вмешеност во атентатот. По ова, раководството на бугарската организација „Мултигруп“ лично дошло во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации.

Пред три години, Стојан Андов предизвика шок со својата последна книга, во која тврди дека организаторот на атентатот врз претседателот Киро Глигоров, е познат.

Ова може да се заклучи од најновите две книги на Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието на Република Македонија, а особено од последната, „До атентатот и по него“.

Во оваа книга, во неколку пасажи, Андов речиси директно посочува на Љубомир Фрчкоски, тогашен министер за внатрешни работи, како можен организатор на атентатот. Авторот, на пример, раскажува за своја средба со претседателот Глигоров пред атентатот, во вилата „Билјана“ во Охрид, во која тогашниот шеф на државата му се пожалил дека Бранко Црвенковски, Љубомир Фрчкоски и други раководители на СДСМ, од него (од Глигоров), барале да си поднесе оставка. Кога го прашале Киро Глигоров кого го смета за свој наследник, Глигоров го спомнал Стојан Андов, тврди авторот на мемоарската книга.

По ова тврдење, Фрчкоски го тужеше Андов, а судот донесе времена непопуларна мерка, забрана на книгата, што само ги подгреа уште повеќе сомневањата на јавноста по објавата во книгата.

Треба да знаете
Последни објави