Владата ќе се посвети на обезбедување ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција што е можно побргу. Бевме прва држава во регионот кои од ЕУ побаравме веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со висока корупција. Европската комисија тоа го поддржа и најави брз старт за овој инструмент, вели премиерот Зоран Заев во интервју за весникот „Коха”.
-Сметаме дека овој чекор ќе ја зголеми одговорноста на обвинителите и судиите, ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во својата држава и нејзините институции. Процесот на прочистување треба да го водат овие институции, секако во соработка со правната фела, затоа што само така ќе се врати вербата во судовите и обвинителствата, само така ќе се зајакне правосудството кое мора конечно да испорачува ефикасна, неселективна и навремена правда, вели Заев.
Повтори дека Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно „прочистување” во правосудството. Истакна дека првиот чекор од прочистувањето што треба да се толкува како ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители.
Заев вели дека Владата, како и во претходниот мандат, ќе поддржи формирање анкетни комисии или иницирање меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои, како што рече, создаваа меѓуетничка недоверба и тензии.
-Дополнително, ќе предложиме и законски обврски со кои ЈО ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предмети кои ги следат граѓаните. Само со транспарентна работа ќе се справиме со криминалот и корупцијата, но и со недовербата кон правната држава која ја имаат граѓаните, вели премиерот Заев.