Света архиерејска литургија ќе се отслужи денеска во соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје по повод 30 години од неговото осветување.
Со литургијата на Празникот на сите македонски светители, востановен во спомен на Црковно-народниот собор одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, ќе началствува неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, во сослужение на повеќемина архијереи од САС на МПЦ и свештенослужители од епархиите.
Пред почетокот на литургијата, ќе биде осветен севкупниот фрескопис во храмот, кој, по неколкуте фази на сликање низ годините, е целосно завршен.
-Темелите за градба на Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, се поставени во 23 април 1972 година, а осветени од првиот поглавар на возобновената Охридска Архиепископија како МПЦ, блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски Доситеј, во сослужение на архијереи од тогашниот САС на МПЦ, како и на повеќемина свештенослужители, меѓу кои и двајца свештеници од сестринската Српска православна црква, наведуваат во соопштение од МПЦ.
Храмот е осветен на 12 август 1990 година од страна на тогашниот поглавар на Македонската православна црква, архиепископот Гаврил, во сослужение на сите членови на Светиот архиерејски синод, повеќемина свештенослужители и многуброен народ од државава и од иселените Македонци по светот.