По повеќемесечна пауза поради пандемијата со коронавирусот, шоуто на Ен-Би-Си (NBC) „Saturday Night Live“ ја започна својата 46-та сезона.
Главна тема беше дебатата на претседателските кандидати, Доналд Трамп и Џо Бајден, што на свој начин ја водеа Алек Болдвин и Џим Кери.
Крис Рок правеше шеги на сметка на претседателот Трамп, а Меган Ди Сталион настапи како музички гостин.
Алек Болдвин повторно се појави во улогата на Трамп, а Џим Кери дебитираше во улогата на Бајден.
Во скечот, Болдвиновиот Трамп ја водеше дискусијата на ист начин како вистинскиот Трамп и се обиде на секој начин да го вознемири својот противник со тоа што го прекинуваше и навредуваше. Во меѓувреме, Кери – Бајден се обидуваше да го контролира својот гнев дишејќи во хартиена кеса и зборувајќи гласно сам со себе.
„Гледај, човеку, јас сум пристоен дечко, но ако продолжиш со своите глупости, ќе ти го откинам лицето како лудо шимпанзо”, викаше Кери, а потоа продолжи да си зборува: “земјата смета на тебе, Џо. само стој тука и изгледај разумен“.