Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето интервју за Радио Слободна Европа рече дека доколку тој бил на местото на Зоран Заев немало да дозволи третиот квартал, економијата и граѓаните да останат без било каква поддршка како што тоа го дозволи Владата на Заев и Спасовски во тој период.
-Најпрво немаше да дозволиме третиот квартал, економијата и граѓаните да останат без било каква поддршка, како што тоа го направи владата на Заев односно на Спасовски во тој период. Третиот квартал практично граѓаните и стопанството се оставени на милост и немилост, ниту државата покажа било каков интерес, ниту пак некој било кој друг покажа било каков интерес и затоа ние денес имаме неколку десетици илјади нови невработени, имаме компании кои што се затворени и практично економија која што колабира, истакна Мицкоски.
Според Мицкоски првите мерки кои требало оваа Влада ги направи за да се надмине кризата требало да продолжат со мерките за субвенционирање на платите.
-Најпрвин мерките за субвенционирање на платите требаше да продолжат, и тоа ние го предложивме кога бевме во техничката влада. Потоа, изготвивме Преодна стратегија која што ја презентиравме и јавно и нашиот тим економски експерти тоа го побара од тогашната техничка влада, мерките за субвенционирање на платите требаше да продолжат, посочи тој.
Според Мицкоски друга мерка која требало да се превземе е мерката каде што доаѓа до нивелирање на данокот на додадена вредност за угостителството како еден од секторите кои што е жестоко погоден од ковид кризата и ќе остане така погоден.