Да се забрани гостување на пејачи и на диџеји во сите угостителски објекти, да се почитува работното време на баровите, кафулињата и рестораните, да се намали дозволената гласност на музиката која ќе се ограничи до 55 децибели, за да се намали поголема концентрација на луѓе во овие објекти и да се намали бројот од луѓе кој може да седи на една маса, од сега дозволените 12 на четворица.
Ова се предлозите од денешниот состанок на Комисијата за заразни болести кои ќе бидат предложени за усвојување на седницата на Влада која ќе се одржи во 18 часот, рече министерот за здравство Венко Филипче во вестите на телевизија Канал 5.
– Имаме зголемување на бројот на случаи кај сите возрасни групи над 20-годишна возраст. Дури 50 отсто од новозаразените спаѓаат во возрасната група од 20 до 40 години. Ние го очекувавме овој таканаречен есенски мини бран, кога е поголема концентрацијата на луѓе по годишни одмори, но следиме од медиумите што се случува и по кафулињата – рече Филипче.
Како потенцијални идни мерки, доколку бидат изнудени од влошување на епидемиолошката слика во подоцнежните есенски месеци, министерот за здравство најави ограничување на работата на некои економски субјекти, ограничување на број на луѓе во градски превоз и евентуално носење маска и на отворено.