Александер Зверев шокантно призна дека имал симптоми на корона вирус пред да испадне во четвртото коло на Ролан Гарос од италијанската сензација Јаник Синер во четири сета.
По поразот, 23-годишниот Германец, со маска на лицето, изјави дека имал температура од 38 степени во текот на вечерта по победата во пертходното коло.
„Немам повреди, но многу бев болен по мечот со Марко Чекинато. Што да кажам. Болен сум. Не можам да дишам добро, како што можете да чуете, а имав и треска. Тоа влијаеше на денешниот меч. Можеби не требаше да играм“, изјави Зверев.
Германецот веќе беше критикуван за прекршување на протоколите за заштита од корона вирусот во текот на летото откако учествуваше во Адрија турнејата на Новак Ѓоковиќ, кога повеќе тенисери беа позитивни. Веднаш потоа беше објавена снимка на која светскиот рекет број 7 танцува во клуб во Монте Карло во јуни.
На пресот по поразот, тој одби да каже кога последен пат бил тестиран на КОВИД-19 на прашање на новинарот Бен Ротенберг.
„Не го одговарам твоето прашање, нема шанси по работите кои ги пишуваше за мене во последните месеци. Апсолутно нема шанси“, изјави Зверев.