Денеска започнува годишната прослава на Светската недела на Вселената во Северна Македонија, насловена „Сателитите го подобруваат животот”. Целта на овој настан на глобално ниво е да се стави акцент на придобивките од вселенските истражувања спроведени во текот на изминатата година за решавање на предизвици на планетета земја и во Вселената.
– Секоја година од 4 до 10 октомври луѓето од целиот свет се собираат за да ги прослават достигнувањата во истражување на вселената, и да ги едуцираат и инспирираат младите. Темата оваа година се фокусира на сателитите, нивните секојдневни употреби и многубројните придобивки кои понекогаш ги земаме здраво за готово. Следната година (2021) фокусот ќе биде на една тема многу значајна за нас, а таа е „Жени во Вселената, велат локалните координатори на Светската недела на Вселената во Северна Македонија, кои веќе шест години по ред успешно ја реализираат оваа светска иницијатива.
Во оваа иницијатива изминатата 2019 година, се вброија над 8.000 настани во 96 земји, меѓу кои и во нашата држава, а оваа година се очекува бројот на настани да е уште поголем.
Овогодинешните активности на Неделата на Вселената во земајва поради Ковид-19 пандемијата ќе ги исклучат традиционалните настани со физичко присуство кои беа одржувани сите изминати години и фокусот ќе биде ставен на индивидуални предизвици кои секое дете, поединец и возрасен може сам да ги направи од удобноста на својот дом.
Програма во 2020 ќе опфати онлајн креативен курс во соработка со едукативниот центар Скампер со наслов „Мисија: Лет до Вселената” за деца на возраст од четири до осум години, различни информативни содржини, идеи и предлози за активности по дома за кои повеќе информации може да се најдат на официјалната фејсбук страница на иницијативата.
Организаторите ги повикуваат сите вљубеници во Вселената и небесните тела да се вклучат во иницијативата и да ја следат фејсбук страницата World Space Week Macedonia, за да ги проследат предлозите кои се подготвени оваа година за заедно, уште еднаш, да ја одбележиме оваа Светска недела на вселената.
Светската недела на вселената, секоја година традиционално се одбележува од 4 до 10 октомври. Тие датуми не се случајни – на 4 октомври 1957 година е лансиран Спутник 1, а на 10 октомври 1967 е потпишан Светскиот договор за фер и разумно користење на Вселената, вклучувајќи ја Месечината и другите небесни тела.
Во светски рамки, Светската недела на Вселената се одржува и одбележува со масовни настани. Здружението на Светската недела на Вселената е предводено и признато од комитетот на Обединетите нации за мирно користење на вселената (КОПУОС) и Канцеларијата на ОН за вселенски прашања (УНООСА) базирана во Виена. Главната мисија и цел е едукација и информирање на светот за сите достигнувања, истражувања и успеси кои се постигнати на тема вселена во изминатата година.
Целта на оваагодишната темата „Сателитите го подобруваат животот” е да се истакне секојдневната употреба на сателитите во нашите животи и на колку различни полиња играат клучна улога. Не може да си замислиме комуникации, следење на промените во природата, временски прогнози, транспорт и навигација и уште многу нешта без употребата на тие сателити.
Како што човештвото еволуира и напредува, така и барањата на луѓето за достапност на најразлични информации стануваат поголеми. Навигацијата, временските прогнози и уште многу извори на информации ги имаме земено здраво за готово, но во позадина стои технологија и наука која сето тоа ни го овозможува, наведуваат организаторите на настанот.